Средба на Попоски со австралискиот амбасадор Стадерт
27 јануари 2012 14:41 GMT Извор: МакфаксШефот на дипломатијата, Никола Попоски, денеска се сретна со австралискиот амбасадор во Македонија со седиште во Белград, Хелена Стадерт.
Попоски и Стадерт, како што се соопштува МНР, разговарале за потребата од унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Австралија.
Притоа, како што се информира, е изразен интерес од Попоски за посета на Австралија во текот на оваа година, како и за можноста австралискиот министер за надворешни работи, Кевин Рад да ја посети Македонија во наредниов период.
Во разговорот е нагласена потребата од унапредување на економската соработка и трговската размена, како и од поголема меѓусебна информираност на стопанските субјекти од двете држави за можностите и економските поволности што ги нуди Македонија за потенцијалните инвеститори од Австралија.
Попоски го нагласил интересот за унапредување на договорната состојба, преку потпишување на веќе иницираните договори од економската сфера, пред сé Договорот за заемна заштита и поттикнување на инвестициите и Договорот за одбегнување на двојното оданочување.
Двајцата го истакнале местото и значењето на бројната македонска иселеничка заедница во Австралија, како мост за соработка и комуникација меѓу двете земји, при што Попоски го нагласил интерес на Македонија за олеснување на визниот режим за граѓаните на Македонија кои патуваат во Австралија.
Посетата на Стадерт на Македонија се реализира во период на Националниот празник на Австралија, што беше одбележан и во земјава. /крај/со/ач
Copyright 2011 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.
Коментари
Нема коментари