03 февруари 2012 - 04:12 PM
Велешани се жалат за прифаќњето на писмото со намери на „Метрудхем“
По Зелената коалиција, во петокот и општина Велес поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка, за одлуката на Министерството за животна средина што го прифати писмото со намери на „Метрудхем“,
По Зелената коалиција, во петокот и општина Велес поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка, за одлуката на Министерството за животна средина што го прифати писмото со намери на „Метрудхем“, со кое се бара рестартирање на Топилницата на истата локација и старата технологија.
На оваа тема расправаше, како што пренесува порталот Лисица, и Одборот за спас на Велес од Топилницата. Побараа институциите да бидат максимално транспарентни при донесување на каква било одлука во врска со Топилницата.
„Апелирам и до управата и до ресорното министерство да се коригира ова решение да се прифатат жалбите од општината и невладините организации, решението да се поништи и во новото решение што ќе го донесат да бидат внесени сите забелешки на општината“, рече Горан Петров, градоначалник на Велес.
Нетранспарентното однесување на министерството и „Метрудхем“ стави дамка на сомнеж кај граѓаните но и кај велешките пратеници. Токму поради ова тие од денеска станаа членови на одборот за спас. Најавија дека како пратеници ќе побараат објаснување од министерството во врска со донесеното решение.
„Јас ќе поставам пратеничко прашање до министерот за екологија каква е намерата со одобрувањето на писмото со намери. Очекувам да добијам јасен и концизен одговор. Покрај ова подготвен сум сите активности на Одборот да ги пренесам во Собрание“, рече пратеникот Марјанчо Николовски од опозиционата СДСМ.
Според пратеникот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, за да нема какви и да се сомневања, на седницата во петокот пожелно било да присуствуваат и претставници на министерството. Сепак останува на ставот дека проблемот треба да се решава институционално.
„Сите релевантни институции во Македонија во политичка смисла, претседателот на државата, премиерот, пратениците од Велес, министерот за животна средина, градоначалникот се произнесоа со политички став против отворањето на Топилницата на локацијата на која што се наоѓа и со истата технологија. Ве уверувам дека нема причина овој политички став да биде променет“, рече Илија Димовски./крај/ли/мф
Copyright 2012 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.
0
0
Насловна