30 јануари 2012 - 01:16 PM
Крај на една ера во Јапонија
Каде и да сте во светот, најверојатно некогаш сте користеле или сте посакувале некаков јапонски производ - автомобили Honda или Toyota, телевизори Sony или Panasonic, камера Nikon
Каде и да сте во светот, најверојатно некогаш сте користеле или сте посакувале некаков јапонски производ - автомобили Honda или Toyota, телевизори Sony или Panasonic, камера Nikon... Уште од 1950-те години година, јапонскиот извоз го преплави светот и го поттикна економското чудо дома, со што таа земја стана една од најбогатите во светот. Но, оваа недела ја означи пресвртницата - една од најголемите извозни машини во светот остана без гориво.
Што се случи?
За прв пат во 31 година, Јапонија забележа трговски дефицит. Едноставно кажано, тоа значи дека минатата година Јапонија увезла повеќе отколку што извезла. Тоа и не е толку невообичаено за некои богати земји: САД имаат трговски дефицит уште од 1975 година,а сепак економијата постојано расте. Но, економијата на САД не се потпира на извозот. Подемот на Јапонија, од друга страна, беше речиси исклучително изграден врз извозот.
Тогаш, што се промени во Јапонија?
Јапонската влада би сакала вината за дефицитот да ја префрли на еднократните настани: минатогодишниот земјотрес и цунами, кои ги уништија фабриките и ги затворија нуклеарните реактори. Последица од тоа беше намален стопански производ, згора тие беа присилени да увезуваат додатна нафта од Блискиот исток. Но, природните катастрофи само ги истакнаа и ги забрзаа веќе постоечките трендови во Јапонија: намалувањето на конкурентност и работна сила која старее.
Кина и другите земји од источна Азија сега произведуваат поевтини производи, во многу поголеми количини. Ако на тоа се додаде и растечката вредност на јапонскиот јен и станува јасно зошто јапонските извозници се во лоша позиција на глобално ниво. Можеби тоа најдобро го објасни шефот на Toyota мината година: „Веќе нема логика да се произведува во Јапонија".
На тоа треба да се додаде јапонската демографија. Помеѓу 1990 и 2007 година, работоспособното население во Јапонија опадна од 86 на 83 милиони. Истовремено, бројот на Американци на возраст помеѓу 15 и 64 години порасна од 160 на 200 милиони. На глобалниот пазар тоа е огромна пречка за Токио.
Помеѓу 2001 и 2010 година, јапонската економија растеше со стапка од 0,7 проценти годишно, помалку од половина од растот на двете Америки. Исто така, Јапонија далеку заостануваше и зад Европа. Но, ако тоа го споредиме со растот на бруто-домашниот производ (БДП) по жител, тогаш јапонија ги надминува и САд и еврозоната.
Така, додека јапонската економија трпи агрегатни штети од намалената работна сила, за просечниот јапонски работник платата се уште расте и квалитетот на животот се уште е многу висок. Тоа е делумно и причината што Јапонија досега не беше изложена на притисок за реформи.
Од ова е лесно да се извлече заклучок дека причина за нискиот раст на Јапонија не е лошата економска политика, туку само рефлексија на лошата демографија. Но, тоа би било премногу едноставно. Во стварноста, јапонската индустрија е се понеконкурентна, па дури и приходите по глава на жител ќе почнат да се намалуваат.
Креаторите на политиката во Токио го изневерија својот народ: тие можеа да отворат повеќе сектори за конкуренција, да ги реформираат трудовите закони за јапонската работна сила да стане поатрактивна, да ги намалат пензиските бенефиции и да дозволат повеќе имиграција. Владата можеше да го покрене процесот за намалување на огромниот долг. Наместо тоа, влегуваме во ера во која една од најголемите производни нации во историјата на светот се соочува со растечки дефицит на тековната сметка. Со долг во висина од 211 проценти до нејзиното БДП, ако се зголемат трошоците за позајмување Токио ќе се соочи со уште поголем криза: неспособност да ги плати долговите.
Да се одржи конкурентна една богата земја е многу тешко, особено во демократиите, каде што интересните групи постојано бараат се повеќе и повеќе - повеќе бенефиции, повеќе субвенции, повеќе заштити. Сакаат да бидат заштитени од силите на конкуренцијата. Тоа се случува и во Америка, исто како што се случи и во Јапонија. Лесно е да се заборави колку моќен раст имаше јапонија во 1960-те, 1970-те и 1980-те години.
Но, на крајот Јапонија не успеа да се промени, да стане помалку крута. Резултатот е се посилен пад. /крај/Fareed Zakaria, CNN/сс/
Copyright 2012 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.
0
0
Насловна