Makfaks

01 февруари 2012 - 12:28 PM

Улогата на Германија во европската должничка криза

Германската влада предложи да се именува европски комесар кој ќе ги преземе ингеренциите на грчката влада. Вака, фразиран, германскиот предлог, можеби, се чини екстремен, но не е неразумен.

Германската влада предложи да се именува европски комесар кој ќе ги преземе ингеренциите на грчката влада. Вака, фразиран, германскиот предлог, можеби, се чини екстремен, но не е неразумен. Според германскиот предлог, комесарот би ги имал сите овластувања врз грчкиот национален буџет и даночниот систем. Бидејќи Европската централна банка (ЕЦБ) веќе ја контролира грчката валута, еврото, ова во пракса би и ја префрлило контролата врз грчката влада на Европската унија, затоа што оној којшто го контролира трошењето на владата, даночните стапки и монетарната политика, во пракса ја контролира и државата. Оттаму, со германскиот предлог би се суспендирал грчкиот суверенитет и демократскиот процес, како цена за финансиската помош за Грција.

Иако Европската комисија (ЕК) го отфрли предлогот, концептот е далеку од замирање, бидејќи произлегува директно од логиката на ситуацијата. Грците се сред финансиска криза која ја онеспособи Грција до степен да не може да ги врати парите кои Атина ги зајмела. Нивните опции се да потклекнат под долгот или да испреговараат решение со нивните доверители. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската унија (ЕУ) ги менаџираат преговорите.

Според експертизата на институтот Stratfor, какво и да е решението што ќе произлезе ќе биде составено од три дела. Првиот е согласност од доверителите да се откажат од дел од долгот. Вториот е финансиска помош од ММФ и од ЕУ за да се врати преостанатиот долг. Третиот е согласност од грчката влада да го намали владиното трошење и да ги зголеми даноците, за да може да ги одбегне идните должнички кризи и да врати барем дел од долгот.

Банкротот и националната држава

Германците не им веруваат на Грците дека ќе исполнат каков и да е договор, што и не е неразумно ако се земе предвид дека Грците не покажаа волја да ги спроведат претходните договори. Поаѓајќи од овој недостиг од доверба, германија предложи суспендирање на грчкиот суверенитет и ставање на земјата под европски стечаен управник. Ова би бил сосема нормален процес да се работеше за индивидуа или за корпорација. Во таквите случаи, некој е наименуван по банкротот или реконструкцијата на долгот за да осигура дека корпорацијата или индивидуата во иднина ќе се однесува домаќински.

Национална држава е нешто сосема друго. Таа се потпира на две претпоставки. Првата е дека една нација претставува уникатно легитимна заедница, чии членови споделуваат цела низа интереси и вредности. Втората е дека државата на одреден начин произлегува од народната волја и дека само народната волја има право да одлучува за постапките на државата. Нема сомнеж дека за Европа принципот на национална самоопределба е фундаментална морална вредност. Исто така нема сомнеж дека Грција е нација и дека нејзината влада, според овој принцип, е претставник на и одговорна за грчкиот народ.

Оттаму, Германците предлагаат Грција, суверена држава, да му го префрли своето право на самоопределување на некаков надзорник. Германците аргументираат дека, имајќи ја предвид пропаста на грчката држава и пошироко, на грчката јавност, доверителите имаат и овластувања и морално право да го суспендираат принципот на национално самоопределување. Но, ваков аргумент, даден од европска држава, е темелно радикален концепт. Важно е да се разбере како стигнаа до таму.

Уделот на германија во должничката криза

Постојат две причини. Првата е дека грчката демократија, како и повеќето демократии, бара бенефиции од државата за својот народ и политичарите кои сакаат да бидат избрани мора да ги одобрат тие бенефиции. Од тоа произлегува и адекватен притисок за претерано трошење. Втората причина е во врска со статусот на Германија на втора по големина држава-извозничка во светот. Околу 40 проценти од германскиот бруто-домашен производ (БДП) доаѓа од извозот, голем дел од тоа во Европската унија. Наспроти сите нивни залагања за домаќинско работење и грижа, Германците имаат суштински интерес да ја потпомогнат потрошувачката и побарувачката за нивниот извоз ширум Европа. Без овој извоз, Германија ќе потоне во депресија.

Затоа, Германците ги искористија институциите и праксите на ЕУ за да ја оддржат побарувачката за нивните производи. Ширум валутната унија, Германија им овозможи на членките на еврозоната пристап до кредити, со камати кои нивните економии не можеа да ги поддржат. Во таа смисла, Германија ја поттикна побарувачката за своите производи преку помагање на праксата на неодговорно зајмење ширум Европа Степенот до кој германското дејствување го охрабри ова недомаќинско работење - германското индустриско производство наголемо го надминува домашниот пазар, со што одржливата потрошувачка на пазарите надвор од Германија стана клучна за германскиот економски успех - засега не е точно одреден.

Вистинските мерки за штедење внатре во ЕУ би претставувале катастрофа за германската економија, затоа што намалувањето на потрошувачката ќе го плати германскиот извоз. Иако побарувачката од Грција е само мал дел од тој извоз, Грција е дел од еден поголем систем - а правилното функционирање на тој систем е од огромен стратешки интерес за Германија. Германците тврдат дека Грците ги измамиле нивните доверители и Европската унија. Малку потемелно објаснување би го вклучило и фактот дека германците намерно замижаа. Иако Грција е екстремен случај, целокупниот интерес на Германија беше да ја оддржи европската побарувачка - и со тоа да се одбегнат разумните мерки за штедење - колку што е можно подолго.

Германија е без сомневање соучесник во кредитната пракса која ја доведе Грција на ова дереџе. Можно е Грците да не им ја кажувале целата вистина за грчката економија на нивните доверители, но дури и да е така, германското барање за суспензија на грчкото национално самоопределување е чудно.

Во извесна смисла, германскиот предлог само му дава поголема јавност на она што отсекогаш било реалност. За да може да си го реструктуира долгот, Грција мора да наметне значителни мерки за штедење, на кои се согласи и Атина. Германците сега сакаат да се именува комесар кој ќе осигура дека Грците ќе ги исполнат своите ветувања. Но процесот темелно ќе ја ограничи и намали грчката демократија со тоа што ќе префрли некои фундаментални елементи на грчкиот суверенитет во рацете на комесари, чиј основен интерес ќе биде да се врати долгот, а не грчките национални интереси.

Одлуката на Атина

Грците имаат два избора. Прво, тие може да ја прифатат одговорноста за долговите според договорените услови и да се помири со ограничувањата на буџетот и одредувањето на даноците, без оглед дали тоа ќе го спроведе европски комесар или некоја не толку формална институција. Второ, тие можат да прогласат неможност за плаќање на долговите. Како што не учи корпоративното однесување, банкротот стана стратешка опција за почит. Оттаму, Грците мора да ги разгледаат последиците од тоа, едноставно, да банкротираат.

Тоа ќе ја замрзне нивната позиција надвор од финансиските пазари. Но, дури и да не банкротираат, Грците на тие пазари ќе бидат присутни само под многу ограничени околности и, главно, во корист на доверителите. Згора на тоа, како што открија многу корпорации, зајмењето станува поатрактивно по банкротот, затоа што го отвора патот за нов, пост-банкротски долг. Не е многу јасно дали навистина никој нема да сака да и позајми на Грција откако ќе банкротира. Всушност, Грција до сега потклекнала под своите долгови неколку пати и повторно успевала да си обезбеди пристап до меѓународните кредити.

Што е уште позначајно, со банкротот Грција ќе може да го одбегне поттикнувањето на внатрешната политичка криза, предизвикана од отстапувањето на нејзиниот национален суверенитет. Голем дел од политичката криза внатре во Грција произлегува од антипатијата на јавноста кон мерките за штедење. Но еден друг дел, кој ќе излезе на површина со германскиот предлог, е дека Грците не сакаат да го изгубат националниот суверенитет. Во својата долга историја, Грците го губеле суверенитетот од надворешни сили како Римјаните, Отоманската империја и, во најскоро време, од Нацистите. Бруталната германска окупација се уште е жива во спомените на Грците. Затоа, концептот на национално самоопределување за Грците не е апстрактен концепт. Губењето на суверенитетот, плус мерките за штедење наметнати од странски сили ќе создадат домашна криза во која на грчката држава ќе се гледа како на економски и политички непријател на грчките национални интереси,заедно со комесарот или каков и да е механизам што би се вовел. Политичкиот разултат би можел да биде многу експлозивен.

Се уште останува нејасно дали Грците ќе ја изберат опцијата да не банкротираат. Цената на банкротот - тоа што ќе бидат присилени да ја користат својата национална валута наместо еврото - всушност ќе го зголеми националниот суверенитет. Грците ќе трпат економски последици ако продолжат со еврото, а ќе трпат исти такви последици и ако го напуштат: политичките последици од губењето на националниот суверенитет во пресрет на таквите последици може лесно да избегаат од контрола. Банкротот, иако болен за Грција, лесно може да биде помалку болно од алтернативите.

Германската дилема

Германците се заглавени во дилема. Од една страна, Германија е последната земја во Европа која може да си дозволи општо штедење во проблематичните и последичниот пад на побарувачката. Од друга, не може едноставно да го толерира индифернетноста кон домаќинското фискално работење, во стилот на Грција. Германија мора да дојде до структурално решение кое до одреден степен ќе ја задржи побарувачката во државите како Шпанија и Италија. Германците мора да покажат дека непотчинувањето кон организираното справување со долгот без банкрот носи последици. Над се, германците мора да ја сочуваат Европската унија, за да можат да продолжат да уживаат во европската зона на слободна трговија. Оттаму произлегува есенцијалната тензија помеѓу зачувувањето на системот и наметнувањето на дисциплина.

Германија реши од Грција да направи пример. Германската јавност масовно им поверува на приказните на Берлин за грчкото измамништво и невиноста на Германија. Германската канцеларка Ангела Меркел имаше потреба да ја насочи дискусијата во тој правец и успеа. Но, останува сосема нејасно до кој степен е германската јавност свесна комплексноста и последиците по Германија од генерализираните мерки за штедење. Меркел сега мора да ја задоволува германската јавност, која се сомнева во пакетите за спас и Грција, едноставно, ја смета за неодговорна. Капитулацијата на Грција за нејзе е неопходна заради водењето на домашната политика.

Германскиот упад во прашањето на суверенитетот драматично ги зголеми влоговите во должничката криза. Дури и Германците едноставно да се повлечат од својот предлог, грчката јавност беше потсетена дека, во пракса, во прашање е грчката демократија. Колку и неодговорно да зајмела Грција, ако цената за тоа однесување е препуштањето на суверенитетот на неизбран комесар, таа цена би може да претставува сериозен предизвик за грчките принципи, но и да ја воведе Европа во нова криза.

Таа криза би била политичка, како што од секогаш била и тековната криза. Во новата криза, прашањата на суверените долгови се претвораат во закана за националната независност и суверенитет. Ако државата должи премногу пари, а доверителите не и веруваат, таа го губи правото на самоопределување за повеќето важни нешта. Имајќи предвид дека Геранија е историска ноќна мора за повеќето европски држави, а токму германија ја турка таа доктрина, резултатот би можел да биде многу експлозивен. Исто така, резултатот би можел да биде спротивен на она што и треба на Германија.

Германија мора да има зона на слободна трговија во Европа. На Германија и треба и огромна побарувачка во Европа. Германија, исто така, бара и домаќински однос кон зајмењето. Германија не смее да дозволи да се вратат анти-германските чувства од претходните епохи. Тоа се неколку потреби, а некои од нив меѓусебно се исклучуваат. На одреден начин, тука се работи за Грција. Но се повеќе и повеќе Германците стануваат тие коишто се нејасни. Колку далеку се подготвени да одат и дали целосно ги разбираат своите национални интереси? Се повеќе оваа криза престанува да биде грчка или италијанска. Таа е криза на улогата која во иднина Германија ќе ја игра во Европа. Германците држат многу карти и во тоа е нивниот проблем: со толку многу опции, тие мора да носат тешки одлуки - а тоа нема да биде лесно за повоена Германија. /крај/stratfor/сс/

 


Copyright 2012 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.

  vote_up0     vote_down0

0 коментари

Медиа

  • Photo Story

    Министерот за надво...

  • Photo Story

    Средба на премиерот...

  • Photo Story

    Првата детска амбас...

  • Photo Story

    Започна месецот на ...

  • Photo Story

    Бизнис форум во Пек...

  • Photo Story

    Хепенинг во скопски...

  • Photo Story

    Ново живеалиште за ...

  • Photo Story

    Протести против пол...

  • Photo Story

    Запален Олимпискиот...

  • Photo Story

    Се сруши руски авио...

  • Photo Story

    Камен темелник на ф...

  • Photo Story

    Свечена академија п...

  • Photo Story

    Иванов во посета на...

  • Photo Story

    Воена парада на Ден...

 

 За да оставите коментар, потребно е да сте регистриран корисник

 

Нема коментари