02 февруари 2012 - 01:53 PM
Се ситни членството на ВМРО-НП во Велес
Секој член на ВМРО-Народна партија во Велес, без притисоци ќе треба самиот да реши дали ќе го следи преминот на речиси целиот Извршен комитет во ВМРО-ДПМНЕ, вели претседателката на НП во Велес, Валентина Делиманчева – Андреевска
Секој член на ВМРО-Народна партија во Велес, без притисоци ќе треба самиот да реши дали ќе го следи преминот на речиси целиот Извршен комитет во ВМРО-ДПМНЕ, вели претседателката на НП во Велес, Валентина Делиманчева – Андреевска.
Во изјава за интернет порталот Лисица, таа ги образложува нејзините причини. Смета дека почесниот лидер Љубчо Георгиевски ја напуштил десничарката демохристијанска идеологија и партијата ја направил заложник на неговите бизнис интереси. Посебно е изненадена од најавите за можна коалиција со СДСМ.
Делиманчева-Андреевска, додава дека засега не може да се предвиди колку од членовите на велешкиот комитет од НП ќе преминат во ВМРО-ДПМНЕ, но според неа се очекува голема бројка од околу 90 отсто од членството.
„Оставам секој сам слободно да си одлучи. Ова е моја лична одлука да преминам во ВМРО-ДПМНЕ. Разочарувањето и незадоволството сега се големи во партијата. Не знам колкава е бројката на членови кои ќе преминат во ВМРО-ДПМНЕ, но очекувам тоа да биде околу 90 отсто од членството“, вели Валентина Делиманчева-Андреевска, претседателка на велешкиот општински комитет на ВМРО-НП.
Од преминувањето, инаку, директна полза ќе има советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Велес, односно ќе имаат покомонтна позиција и посигурно мнозинство.
„Би дала сé од себе да придонесам за интересите на граѓаните. Можеби утре некој ќе рече ние ја гласавме како член на ВМРО-НП а сега таа премина, но, пред сé, јас сум таму за интересите на сите граѓани на општина Велес и го давам максималниот придонес за нив“, вели Делиманчева – Андреева.
Сега веќе поранешните членови на ВМРО-НП најавуваат бурни денови. Преминувања во нивната матична партија ќе имало секој ден./крај/ли/сн
Copyright 2012 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.
0
0
Насловна