04 февруари 2012 - 08:57 AM
Попоски:Македонија направи доволно отстапки
Шефот на македонската дипломатија, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека Македонија е целосно посветена да најде решение што ќе и овозможи на земјата да стане членка на НАТО.
Шефот на македонската дипломатија, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека Македонија е целосно посветена да најде решение што ќе и овозможи на земјата да стане членка на НАТО.
„Процесот на проширување традиционално бил комплициран. Кого и да прашате, секој смета дека наидувал на тешки предизвици. Нашите предизвици се многу специфични и факт е дека наидуваме на непринципиелни опструкции на тој пат. Тоа што го преземаме како пристап, како принцип, е фактот дека сме целосно посветени да најдеме решение што ќе ни овозможи да станеме земја-членка на НАТО. Во тоа сме сериозно посветени и навистина сакаме да се постигне решение што ќе ни овозможи да продолжиме понатаму. Наша цел е Република Македонија да биде дел од тоа семејство, каде веќе е Република Грција и каде ќе може да се фокусираме на битните работи, односно стабилноста во регионот. Ќе го затвориме тоа поглавје“, одговара Попоски.
Запрашан за очекувањата на земјата до самитот на Алијансата во Чикаго, шефот на македонската дипломатија одговара дека Македонија е попрво фокусирана на резултатот – земјата да стане членка - час поскоро, отколку на настанот.
„Со самиот факт што САД имаат толку многу инвестирано во целиот наш регион и во интеграцијата на НАТО, автоматски, мотивацијата треба да биде на високо ниво. Она што е реално на теренот е дека Чикаго не е самит што е фокусиран на проширувањето. НАТО има стратешки одредници што треба да ги определи и во тој правец се насочени грото напори. Она што е за нас значајно е дека исполнувањето на критериумите и заслуженото членство треба да се материјализираат час поскоро. Затоа и инсистирам на тоа дека Чикаго не е цел сама по себе. Нашата цел е да го промовираме фактот дека Република Македонија треба да стане земја-членка и тоа е во интерес на сите“, додава Попоски.
Во врска со можноста Грција повторно да го блокира приемот на земјата во НАТО, Попоски со став:
„Повторно би навлегле во домен на шпекулации. Тоа што мислам дека е релевантно во овој контекст е дека Република Грција е членка на ОН. Суд на ОН им донесено определена одлука и во таа одлука исто така го наведува поведението што се очекува за во иднина. Од аспект на Република Македонија, не можеме да очекуваме априори дека Грција не би ја почитувала таа одлука и дека би одела свесно контра таква одлука“.
Одговарајќи на прашањето дали Македонија планира да оди на прием со кратенката БЈРМ на Самитот во Чикаго, министерот одговара дека тоа е предвидено со Времената спогодба.
“Тоа е нешто што е предвидено со Времената спогодба. Времената спогодба предвидува дека во организации во кои Грција е членка, а Република Македонија има аспирација да стане, според тие критериуми кои се предвидени во Времената спогодба, и онака како што е регулирано во рамки на ОН, нема никаква причина да наидеме на опструкција“, смета Попоски.
Запрашан дали Македонија ќе мора да направи отстапка за решение, Попоски возвраќа дека земјата направила повеќе отстапки.
„Македонија има направено толку многу отстапки, во редица, што навистина е апсурдно да говориме за било каква отстапка од страна на Република Грција, кога ние во старт сме се откажале од работи како – менување на Устав, знаме, јасно изразување на никакво немање на територијални претензии, што е, повторувам, оној темел на таа грчка теза, со тоа што сме ги отстраниле сите оние ризици кои од нивна страна биле причина за да се аргументира тоа попречување. Од тој аспект, не би можел да видам никава логика во тоа дека Република Грција со ваква изјава направила некаква отстапка, а ние не сме направиле. Мислам дека ако ги ставите на една терезија отстапките од една и друга страна, дисбалансот е радикален“, вели Попоски.
Првиот македонски дипломат резонира дека Македонија придонесува и се однесува како земја-членка на НАТО, поради што и заклучува дека и` следува да ги ужива придобивките на НАТО./крај/воа/ва
Copyright 2012 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.
0
0
Насловна