Спорт
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
Американската УФЦ-ѕвезда, Џастин Гетџи, вели дека мајка му ќе може да престане да оди на работа по неговиот саботен мегамеч против Хабиб Нурмагомедов на УФЦ 254 бидејќи тој ќе заработи доволно за да си ја осигури иднината.
Се очекува Гетџи да заработи над 3 милиони долари, без разлика дали ќе успее да го победи шампионот во лесна категорија, Нурмагомедов на Островот на борбите во Абу Даби. Неговата мајка Каролина, која по потекло е Мексиканка, работи во пошта.
„Моите родители никогаш не летале надвор од САД, а сега пристигнаа со бизнис-класа. Мојот татко Џон се пензионира пред неколку години откако 37 години работеше во рудник за бакар. А мојата мајка ќе оди во пензија по овој меч. Кога ќе почне мечот, тоа ѕвонче на почетокот ќе осигури таа да може да се пензионира по 35 години работа. Сите пари што ги заработуваа одеа кај мене и кај моите браќа и мојата сестра за да добиеме шанса“, вели Гетџи.
Американецот има скромно потекло од Сафорд, Аризона, каде што израсна со својата сестра и братот близнак и признава дека не било лесно.
„Живеевме на два часа од кој било град. Кога одевме да купуваме алишта за училиште, беше како празник за нас бидејќи возевме два-три часа. Знам колку финансиски им тежеше тоа и нема подобро чувство од тоа да си способен да го вратиш тоа“, вели Гетџи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Пари Сен Жермен повторно е шампион на Франција
Фудбалерите на Пари Сен Жермен на три кола до крајот обезбедија нова титула во Лига 1.
„Светците“ во саботата одиграа 3:3 против Авр, но Лион во неделата победи против Монако и со тоа им ја обезбеди титулата на тимот на Луис Енрике.
ПСЖ има 70 бодови, 12 повеќе од Монако.
За ПСЖ ова е 12-та титула, трета по ред. Во последните 12 години, ПСЖ не беше шампион на Франција само во 2017 (Монако) и 2021 година (Лил).
До крајот на сезоната ПСЖ ќе се фокусира на полуфиналето од Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, како и финалето на Купот против Лион.
Спорт
(Видео) Тренерот на АЕК се тепаше со играч на ПАОК
ПАОК во Солун го победи АЕК со 3:2 во 34. коло од грчкото првенство. ПАОК со пресврт во последните 10 минути го победи лидерот на табелата, а по завршувањето на натпреварот тренерот на гостите Матиас Алмеида влезе во конфликт и се степа играч на ПАОК по што настана целосен хаос.
Домашните поведоа во третата минута од играта, а стрелец беше 21-годишниот Јанис Константелиас. Гостите се вратија по само шест минути благодарение на голот на Мексиканецот Орбеилно Пинеда.
Мрежите потоа мируваа до 75. минута, кога Домагој Вида погоди за АЕК по центаршут од слободен удар.
Сепак, тогаш започнува лудиот пресврт на домашните. Најпрво во 81. минута Константелиас го постигна својот втор гол на натпреварот, а во 90. минута Шпанецот Жоан Састре погоди за конечни 3:2.
На крајот од мечот дојде до тензии на двете страни, а тренерот на АЕК Алмеида се пресмета со Тајсон, напаѓачот на ПАОК.
АЕК останува лидер со четири бода предност пред Панатинаикос, кој денеска киксна и загуби дома од Арис со 0:1 и пред ПАОК, кој има натпревар помалку.
Спорт
Уникаха ја освои Лигата на шампиони на ФИБА, Пери МВП на завршниот турнир
Кошаркарите на Уникаха ја освоија Лигата на шампионите на ФИБА со триумф над Тенерифе со резултат 80:75. Завршниот турнир на натпреварувањето основано во 2016 година се одржа во Белград.
Уникаха, во целост го имаше под контрола финалниот меч, имаше предност од почетокот до крајот на натпреварот, а најголемата предност изнесуваше +15.
Кендрик Пери беше најефикасен со 17 поени. Нему адекватно друштво му правеше Нихад Ѓедовиќ со 14 поени, а двоцифрен беше Тајсон Картер со 10 поени.
Кај поразениот тим Кајл Гај постигна 18 со шест скока, Џорџи Шермадини постигна 16 со шест скока, а Марселињо Хуертас имаше 14 со девет асистенции и пет скока.
Ова е трет европски трофеј за Уникаха, по Купот на Радивој Кораќ во 2001 година и Еврокупот во 2017 година.
За МВП на завршниот турнир е прогласен Американецот со црногорски пасош од редовите на Уникаха, Кендрик Пери.